Научете да му се насмеете на животот со Ана Бунтеска
Учениците од средните училишта во Загреб коишто учат македонски јазик и култура (Модел Ц), школската 2017/2018 година ја поминаа преведувајќи песни од македонската поетеса Ана Бунтеска. Нивниот труд беше препознаен и со помош на Советот на македонското национално малцинство за Град Загреб излезе од печат двојазичната книга поезија „Те сакам до небото и назад". Книгата можете да ја побарате во школската библиотека во XVIII. гимназија, а во продолжение можете да прочитате нешто повеќе за поетесата.
Со неа разговараше нашата ученичка
Карла Шкрлец, којашто е воедно и една
од преведувачките.
Aна Бунтеска е родена 1972 година во Скопје. Дипломирала на Економскиот факултет во Скопје и сега работи на Македонската берза. Член е на Друштво на писателите на Македонија. Има издадено три збирки поезија „Стави лaјк на сопствениот живот", „Да му се насмееш на животот" и „Колку е потребно за среќа", а за последната ја доби наградата "Македонска книжевна авангарда".
И покрај целиот увид во чувствата на писателот коишто поезијата ни го нуди - многу сте ми мистериозна. Ве замислувам како добра вила која праќа убави пораки од далечната Македонија. Што велите ѕа овој опис? Како Вие би сте се опишале себе?
Не знам дали можам да се опишам себе, иако ми се допаѓа она со добрата вила :) Не би рекла дека сум мистериозна, со оглед на тоа што целиот мој живот го имам ставено во трите книги кои ги напишав за една и пол година. Таму се сите мои чувства, размислувања, стравови, желби и надежи. Никогаш не сум мислела дека човек треба да се стреми со некаква мистериозност за да предизвика внимание. Тоа ми е лажно претставување на себе, а ако нешто во животот ме полни со одбојност, тоа се лагите. Секој човек уште од најрана возраст носи магија во себе. Таа, доколку се негува станува негово обележје и печат. Повеќе сакам да се доживувам себе како човек кој не се крие зад одбрани зборови, туку кој е искрен дури и тогаш кога искреноста може да му донесе повеќе штета отколку корист. На долги патеки, секогаш користа е поголема. Чесноста кон себе, а со самото тоа и кон се’ околу е првиот предуслов од некого да стане квалитетна личност, која нема да стравува од она која е и што е.
мислиш дека би сакал?
мислиш дека ако го замолам би можел?
дека ќе се нафати за нас осми ден да создаде
или пак, ќе ни се потсмева
оти во седумте не се најдовме
- Осмиот ден
Ми се допаѓа идејата ѕа осмиот ден којашто се провлекува во истоимената песна. Како Бие би го поминале тој осми ден?
Осмиот ден треба да е секој ден. Песната е напишана како потсетник дека не постои тој фамозен ОСМИ ДЕН, освен ако секој ден не го живееме како да е осми. Да не заборавиме кои сме и што сме, да љубиме, да дозволиме да не’ љубат (бидејќи животот некогаш ги огрубува луѓето, па се плашат не само да љубат, туку и да бидат љубени), да се препуштиме на она што ни го носи денот и да се научиме да уживаме во мигот, токму тука и токму сега, затоа што денешниот ден кога ќе мине, никогаш повеќе нема да имаме шанса да го вратиме назад. Денес, додека ги одговарам прашањава е за мене осмиот ден, кој ме полни со топлина и љубов.
Голем впечаток ни остави Вашата песна „Има луѓе покрај кои цутиш''. Покрај какви луѓе Вие цутите?
Цитам покрај најблиските. На прво место ја ставам ќерка ми, која веќе станува тинејџер и од која учам многу нешта. Учам да бидам стрплива, на дело да покажам дека безусловната љубов постои, да бидам помалку суетна и самоуверена дека се’ знам. Цутам покрај сите оние кои се со чисти срца и души, кои знаат да пружат рака и помош, без да ставаат на кантар дали тоа ќе им донесе популарност или поени кај другите. Цутам покрај вас, младите луѓе кои во ова време-невреме гледам како се развиваат во прекрасни личности со свои ставови и желби, личности кои се спремни да се борат за себе и за се’ она што им е важно во животот. Цутам кога цутат и другите. Најважната лекција која сум ја научила е да се радувам на туѓите успеси и да ги доживувам исто како да се мои, безрезервно и искрено.
Во меѓувреме, откога ја напишавте песната „Колку е потребно за среќа'', го наместивте ли кантарот? Колку Вам Ви е потребно за среќа?
Кога бев помлада, мислев дека среќата мора да е нешто ваууууууууууууу, некаква бомба која ќе го помести светот. Како стареам (или како искуството ми е поголемо) сфаќам дека среќата е се’ на што сум заборавала додека сум чекала да бидам среќна. Можеби звучи чудно, но така е. Среќа е кога се будам и си велам “жива си, здрава си, детето е тука, родителите и пријателите”. Среќа чувствувам и кога сама седам некаде на кафе, со книга или додека пишувам, кога молчам и кога дрдорам за се’. Среќата не е во тоа да се погоди времето надвор, да добијам на игра на среќа, или сите коцки да се наместени. Мирот со себе, спокојот дека она што е мое си доаѓа како логичен редослед на сите работи, мирисот на чај од нане со лимон и мед, колачиња со цимет, туѓата среќа. Кантарот сам се намести, но дури тогаш кога престанав да трчам по среќата.
Љубовта е во очите
Ја има
Или ја нема
И ако ја нема, бегај
Оти никогаш и нема да ја видиш
Никогаш ништо во нив ќе нема
Освен твојата сенка која венее
-Чоек, вистински чоек по очите се познава
велеше баба ми
''дури и животното ѕнај кога му е доста
само ние луѓето умираме од премногу'' - Колку е потребно за среќа?
Велите дека „вистински чоек по очите се познава“. Според Вас, што има вистинскиот човек во очите? Што може да се види?
Љубов. Не зборувам за телесна љубов, туку за онаа универзалната. Љубов кон животот, кон секое живо битие, кон себе. Да им гледате на луѓето во очи кога зборувате со нив. Ако погледот им е чист и искрен, тогаш тоа се добри луѓе. Тие никогаш не го вртат погледот. Немаат што да кријат, ниту пак од што да се срамат. Не е напразно кажано дека очите се прозорецот на душата. Ми се потврдило многу пати дека првичното чувство кога сум гледала некого во очи е најисправното. Секој пат кога сум се обидувала да го потиснам чувството на нелагодност, сум била разочарана. Гледајте директно во очи и никогаш не си ја потценувајте моќта на интуицијата.
Интересно ми е што работите на берзата, а покрај тоа пишувате за „Женски магазин“ и издавате збирки поезија. За што Ве бива најмногу? А со што не си ги поганите рацете?
Секогаш ме весели кога ќе кажам дека сум економист, а останатите се во шок. Она што го носиме во себе, излегува надвор, сакале ние или не. Економијата и берзата се компромис за животна егзистенција. Мора да кажам дека работата ми е интересна и дека тој микс на две сосем различни работи, ме освежуваат. Освен поезијата (ако може така да се нарече она што го пишувам), пишувам и колумни за Женски магазин, кои се мое видување на се’ што се слушува околу мене, а последнава година и пол пишувам и раскази за деца кои излегуваат во детски списанија кои се дистрибуираат низ училиштата во Македонија. Пишувам и teen-роман, кој оди во пролжетоци и кој се надевам дека до крајот на 2019 година ќе биде издаден и како книга.
Дали би ставеле лајк на сопствениот живот?
Имавме една дилема со издавачот за насловот на првата книга “Стави лајк на сопствениот живот”. Во ова модерно време на лајкување на статуси, фотографии, шеги и секакви баналности, заборавивме да ставиме лајк на она што сме и како живееме. Ставив лајк откако многу се измачив со себеиспитувања. Ставам лајк на мојот живот, на вашата младост и идеали, ставам лајк на љубовта и отворените дланки. Ставете лајк на себе! Не дозволувајте никогаш да ве поколебаат во тоа дека сте прекрасни луѓе и дека вредите. Човек што не става лајк на она што го живее, нема да може да стави лајк на ништо што го окружува. Лајкот е прифаќање, а прифаќањето е предуслов за среќа.
Така поубаво ти е кога си велиш
Оти сѐ на овој свет со пари се купува
Иако знаеш дека насмевката нема цена
И дека сјајот во очи не се глуми
- Има на светов бесценети нешта
Така велеше баба ми
Дека секој еден чоек на овој свет за нешто е роден
Дека секој го бива за нешто
И најпојќе се лутеше ко некој со магарешки инает
Ќе се запнеше за нешто шо не му лежи
- И за љубов треба чоек
да го бива
Кога треба ''да му се насмееме на животот''?Возможно ли е тоа секогаш: да дишеш љубов, да даваш љубов, да бидеш љубов?
Секој ден! Буквално секој ден е подарок. Дури и тогаш кога се случуваат неубави нешта. Ние луѓето сме многу посилни од она како изгледаме. Секое зло е за некое добро, ако ништо друго, барем лошите работи не’ учат да сме внимателни. Едно знам за себе, а тоа е дека не можам без љубов. Се’ додека ја мериме и премеруваме, светот ќе оди наназад. Сакам да давам, убав збор, помош, поддршка. Тоа ме исполнува како личност. Така ја учам и ќерка ми, без оглед што сум свесна дека живееме во свет на ајкули. Способноста да се даде и да се биде среќен во давањето е бесценета.
Кои се за Вас бесценети нешта?
Мирниот сон. Да се спие со сон на праведник, така го имам опишано во една песна. Да се има чиста совест и срце. Душевниот мир не се купува, затоа и нема цена. Се’ што може да се купи е евтино и минливо. Бесценета ми е и оваа наша дружба и љубовта која ми ја дадовте и ви ја дадов.
Многу им благодарам на поетесата Ана Бунтеска и на професорката
Тинка Барбутов Крстева за посветено време и труд.